Скоро две години траат преговорите за нова соработка, кои неколкупати беа прекинувани, а проблем е големата разлика во барањето за плата помеѓу плејмејкерот и „старата дама“, ама и желбата на Аргентинецот за нов предизвик. Наводно, тој веќе донел одлука кариерата да ја продолжи во Барселона и да соработува со Чави Ернандез.
Аргентинецот има желба да оди во Барса и контактите веќе се направени, а каталонската гордост ја гледа како идеална шанса за напредок во кариерата, како и фактот дека треба да биде една од најважните алки во создавањето на „новата Барса“ под палката на Чави.
За него беше заинтересиран и Тотенхем, а пред година и пол беше на чекор да заврши во Лондон, но во последен момент „старата дама“ го блокираше веќе договорениот трансфер. Инаку Јувентус на Дибала му нуди осум милиони евра годишно, плус три милиони во премии, ама бара да се откаже од дел од провизијата, што за Аргентинецот е неприфатливо, а тој бара вкупни 15 милиони евра годишно.
Тој во Јуве дојде во 2015 година од Палермо за 41 милион евра, а од пред една деценија е во Италија. За Јувентус има 112 гола на 281 меч и 12 освоени трофеи, од кои пет „скудета“.