Ракометарите на Еурофарм Пелистер го одиграа најдобриот натпревар сезонава и дојдоа до висока победа на средбата против Татабања со 33:20.
Освен првите десетина минути кои поминаа во надигрување и резултатска израмнетост продолжението од средбата мина во знакот на Еурофарм Пелистер. Секоја грешка на Татабања, секој празен простор, секој момент на слабост на противникот се користеше најдобро што може за постојано зголемување на предноста.
Во вториот дел за 15 минути игра се стигна до плус 15. И во овој дел од средбата немаше што да се види од гостите кои реализираа на секој трет или четврти напад така што на ракометарите на Еурофарм Пелистер не им беше проблем лесно да отидат на огромна позитива која им носеше целосна контрола на натпреварот.
Стигнаа до 27:12 и тука веќе можеше да го спуштаат темпото на игра бидејќи веќе беше јасно кој победува денеска и кој ќе ги однесе бодовите од овој натпревар. Гостите од Унгарија не можеа да следат и денеска делуваа тотално индиспонирано така што мораа да го признаат поразот.
До крајот гостите само намалија, но веќе беше јасно дека ова ќе биде огромна победа за Еурофарм Пелистер, кој покажува дека го фати победничкиот ритам и влегува во одличен период во кој ќе има што да покаже и во Лигата на Европа. Тоа најдобро го покажа победата од 33:20 против Татабања.