Кошаркарите на Финска ја изненадија Словенија (86:76) во третото коло од квалификациската група Ц за Светското првенство.
Двата тима одиграа рамноправно во поголемиот дел од натпреварот, а домаќинот во еден момент се одвои со првата двоцифрена разлика од 10 поени.
Но, Словенија на крајот од третата четвртина ја намали таа предност, за да поведе во решавачката четвртина.
Сепак, тоа е се што видовме од избраниците на тренерор Александар Секулиќ. Финците до крајот стигнаа до максималните плус 14 и стигнаа до триумфот.
Во победничкиот тим се истакна кошаркарот на Тенерифе Сасу Салин со 23 поени, Микаел Јантунен додаде 13 со девет скока, додека двоцифрен беше Елиас Валтонен со 10 поени.
Зоран Драгиќ беше најдобар кај Словенците со 25 поени, додека Јака Блажиќ додаде 13.
Блиску до дабл-дабл учинок беше Мајк Тоби, кој фати 10 скокови, но остана „пократок“ за половина кош.
Словенија го забележа првиот пораз по двете победи на стартот, додека по овој триумф идентичен скор ќе има и Финска.