Европската куќа на фудбалот (УЕФА) и Светската фудбалска федерација (ФИФА) вчера решија да ги суспендираат сите репрезентации на Русија, како и тимови кои нема да може повеќе да играат во меѓународни натпреварувања поради војната во Украина, но сега двете најважни спортски организации подготвуваат нов удар за Русите.
Меѓународниот синдикат на професионални фудбалери (ФИФПро) ги поддржа ФИФА и УЕФА, а сега се појавија шпекулации дека организациите ќе им дозволат на странските фудбалери да ги раскинат договорите целосно бесплатно со тимовите од Русија.
Тоа би бил голем удар кон руската Премиерлига, каде што во моментов играат околу 132 странци и тие би можеле да заминат целосно бесплатно, односно тимовите не би можеле да ги продадат и да заработат од нивни трансфери,
„Баравме од ФИФА да направи таков потег. Ова е мерка која наскоро треба да биде прифатена. Поради војната треба сите фудбалери да го раскинат договорот без отштета“, велат од ФИФПро.
Во моментов највредни странци во Русија се Малком (22 милиони евра), Бариос (20 милиони), Вендел (19 милиони), Клаудињо (16 милиони) и Сантош (16 милиони) од Зенит.