Уругвај, земјата двоен светски првак и една од најтрофејните континентални шампиони во Јужна Америка, го прекина националното првенство поради – бојкот на судиите.
Судиите објавија дека нема да свират на мечевите додека не добијат безбедносни гаранции, пред сѐ од фудбалската федерација во земјата, зашто премногу зачестиле заканите кон арбитрите во последните мечеви, а кулминација биле заканите кон нив на мечевите Данубио – Пењарол и Национал – Торке сити.
„Сите активности на судиите се суспендирани на неодредено. Не можеме повеќе да молчиме на заканите за физичко насилство, а бараме конечно да се преземе нешто за да се казнат сите тие што постојано се закануваат“, објавија од судиското здружение во Уругвај.
На мечот Данубио – Пењарол, на судиската тројка им се заканувал клупскиот фотограф на Данубио, па сето тоа било пријавено во полиција, по што од федерацијата бил побаран состанок за да се добијат гаранции за безбедноста.
На мечот Национал – Торке сити, на помошникот судија му се заканувале навивачи пред мечот, по што одбил да суди и бил заменет и тука паднала одлуката за бојкот, откако три дена претходно закани добил и главниот арбитар на мечот Национал – Ливерпул.