Мексиканската фудбалска федерација изрече неверојатни казни за Керетаро и Атлас после хулиганското лудило кое го шокираше светот и во кое десетици навивачи беа повредени, а светската јавност дури бараше да му се одземе ко-организацијата на Мексико за Мундијалот во 2026 година, кој треба да го организира заедно со САД и Канада.
Домаќинот Керетаро го загуби службено мечот со 0-3, доби и парична казна од 1,5 милиони пезоси (65.000) евра, а остана без комплетната управа, додека навивачите нема да видат фудбал подолг период.
Овој клуб во следните 12 месеци на ниту еден меч, од првиот тим, преку женската екипа, па се до младинците нема да смее да игра со присуство на навивачи. Хард-кор навивачите, кои се најодговорни за хаосот, добија забрана да се појават на стадион во следните три години, а една година нема да смеат да одат на гостувања.
Управата на Керетаро и газдите добија суспензија од фудбалот и ќе мора да поднесат оставки, а во фудбалот нема да смее никој од нив да работи во следните пет години. Газдата на клубот, пак, ќе мора да го продаде клубот до крајот на годинава. Ако тоа не го стори, сојузот ќе му ја одземе сопственоста.
Навивачите на Атлас добија шест месеци забрана за гостувања, а сите хулигани кои учествуваа во немирите од невидени размери добија доживотни забрани до стадионите во Мексико.