Шпекулациите се потврдија па возачот на Вилијамс од следната сезона ќе седне во болидот на Мерцедес. Младиот Британец е дел од Формула 1 веќе три години, а својот неверојатен талент го покажа зад воланот на Вилијамс, чиј болид важи за еден од најбавните во шампионатот.
Сепак и покрај хендикепот тој успеа да го освои второто место во квалификациите за Големата награда на Белгија на „Спа“ оваа сезона. Расел е дел од академијата на возачи на Мерцедес подолго време и беше логично дека еден ден ќе добие шанса во најсилниот тим.
Британецот лани еднаш го возаше болидот на Мерцедес, кога го замени Луис Хамилтон, кој беше позитивен на ковид-19. Беше втор во квалификациите на „Шакир“, а трката ја заврши на 9.место. Ќе имаше далеку подобар пласман ако не беа пеховите со неговите пневматици.