Трајковски херојот на Македонија, на Италија веќе и имаше дадено гол, во октомври 2017 година за ремито 1-1 после кое почна македонската фудбалска ренесанса а сега повторно беше клучен, ама за победа и еден чекор од бесмртноста – настап на Светско првенство. Првиот удар кон противникот пред крајот на полувремето заврши во рацете на Џиџи Донарума, ама вториот директен во 93-та минута заврши покрај самата статива– во мрежата.
„Ова е за моето семејство и за цела Македонија!“, порача Трајковски после големата победа, втора над еден великан во овие квалификации за Мундијалот во Катар, откако во март лани на почетокот на циклусот падна Германија во Дуисбург.