Италија ги разочара своите навивачите. Пред полн „Ренцо Барбера“ во Палермо неочекувано загуби од Македонија(0-1) и ќе остане без второ Светско првенство во низа, по она во 2018 во Русија.

Селекторот Роберто Манчини говореше по натпреварот и кажа дека ова му е најголемото разочарување во кариерата. Не сакаше да говори многу за неговата иднина, но потенцира дека му е многу жал за играчите.

„Јас сум повеќе од разочаран. Немам што да кажам. Ќе видиме што ќе биде. Сега сум многу разочаран за да говорам за мојата иднина. Вечерва се случи нешто неверојатно. Го заслуживме пехарот на Европското првенство, а на овој натпревар бевме толку многу без среќа. Но, тоа е реалноста, жалам за играчите.

Освоеното Европско првенство ми беше најголемото уживање во кариерата, а ова е моето најголемо разочарување“, изјави Манчини.

Италија во утешното „мало финале“ кое доаѓа како пријателски натпревар за да се пополни терминот ќе игра со Турција која загуби од Португалија.