Весникот „Ил Џорнале“ пресметал дека Италија со елиминацијата од Македонија и со неодењето на Светското првенство, практично економски губи неверојатни 120 милиони евра, толку пари државата можела да внесе во својата економија со настапот на „аѕурите“ на Мундијалот.
Според весникот, Франција само од освојувањето на „светската круна“ од ФИФА добила 33 милиони евра, но без пресметаните дополнителни приходи од комерцијалните и спонзорските сектори.
Италија освен што се посрамоти и после СП во Русија пред четири години ќе го пропушти и овој Мундијал во Катар на крајот на годинава, финансиската загуба е уште поголема и немерлива за една од најфудбалските земји на светот.
Само пласманот на СП носи приход од ФИФА од преку девет милиони долари, а дополнителни се приходите од настапите, но уште повеќе огромни се приходите што телевизиите ќе ги направат од реклами и маркетинг за време на мечевите. На крајот, огромна е побарувачката и потрошувачката по рестораните, кафулињата, пабовите за време на мечевите, од кои исто така заработката преку даноци ќе го полнеше буџетот.
Вака, Македонија дојде на чекор да испише историја и во вторник во Португалија ќе се бори за историски прв пласман на еден Мундијал.