Трајковски со Ал Феја потпиша 18-месечен договор и откри дека многу не се двоумел кога дошла понудата од Саудиска Арабија и тоа среде подготовки со Алборг на Малта.
„Јас бев на подготовки на Малта со Алборг, кога дојде понудата и се отвори шансата за да заминам во Саудиска Арабија и ја прифатив. Сѐ се случи многу брзо, не се двоумев. Сега сакам да го дадам најдоброто од себе, но за иднината постојано се надевам дека ќе ми се укаже шанса за да се вратам во Италија. Имам прекрасни сеќавања од периодот во Италија, италијанскиот фудбал многу ми одговара и кој знае, можеби еден ден ќе се вратам“, вели Трајковски.
Тој мина четири години во Палермо, но мораше да си замине откако сицилијанската гордост банкротираше, каде дојде во 2015 година откако за еден милион евра, Маурицио Ѕампарини го донесе од белгиски Зулте Варегем. Ѕампарини, легендарниот прв човек на сицилијанците почина пред една недела.
„Јас никогаш нема да заборавам што тој направи за мене, а направи буквално сѐ. Ме донесе во Италија и во четирите години ми даваше толкава доверба, секогаш веруваше во мене, секогаш ме поддржуваше, без оглед дали работите се добри или лоши. Маурицио секогаш ќе остане во моето срце. Тој за Палермо даде сѐ, а јас сфатив за каков човек се работи уште кога дојдов. Секогаш беше тука за тимот, секогаш имаше совет, а и после поразите доаѓаше во соблекувалната да нѐ орасположи. Секогаш знаеше да го направи вистинскиот потег“, додава Трајковски за најубавиот период од својата кариера.
Македонскиот репрезентативец е поранешен фудбалер на Интер Запрешиќ и Мехелен, а кариерата во Македонија ја започна во Цементарница.