Стотици илјади навивачи се собраа на улиците на сенегалскиот главен град Дакар за да ја пречекаат фудбалската репрезентација по триумфот на Африканскиот куп на нации. Сенегал го победи Египет со 4-2 во неделата во финалето со подобро изведување пенали и за прв пат во историјата го освои Купот на нациите.
Така Сенегал стана 15-та репрезентација која може да се пофали со титулата африкански шампион. Рекордер и понатаму е Египет со седум титули, Камерун пет пати беше африкански шампион, Гана четири, а Нигерија три пати. Навивачите пристигнаа во Дакар со велосипеди, мотори, автомобили и пеш, што целосно ги затна фреквентните патишта. Властите го прогласија понеделникот за национален празник за да го прослават освојувањето на првиот Куп на нации.
„Каква игра! Каков тим. Успеавте. Прекрасен момент, убав момент на заедништво и национална гордост. Честитки за нашите херои“, напиша сенегалскиот претседател Маки Сал на социјалните мрежи, кој веднаш ја прекина својата прекуокеанска турнеја за да се приклучи на прославата. а во вторник има официјален прием за новите африкански шампиони.
На приемот беа поканети и лидерите на опозицијата, а двете страни ја оставија настрана кавгата во последните месеци.
„Кога натпреварот заврши, едноставно беше неописливо. Луѓето скокаа, плачеа, се гушкаа“, изјави новинар на Би-Би-Си од Дакар. Прославата започна веднаш по последниот свиреж во неделата навечер. Луѓето излегоа на улиците на Дакар, играјќи, пеејќи, веејќи знамиња.