Чудната ситуација на натпреварот меѓу Фрајбург и Баерн, кога германскиот шампион неколку секунди играше со 12 играчи на теренот, ќе биде предмет на жалба од Фрајбург .
Германскиот прволигаш Фрајбург во понеделникот реши да го обжали натпреварот на кој во саботата беше поразен од Баерн Минхен со 4-1, а поради ситуацијата во која бранителот на титулата неколку секунди играше со 12 играчи на теренот.
Инцидентот се случи во 86. минута кога Корентина Толисо и Кингсли Коман требаше да бидат заменети со Марсел Сабицер и Никлас Суле.
Имено, настана збунетост бидејќи на теренот влегоа Суле и Сабицер, а прв излезе Коман. Но, Толисо, кој исто така требаше да го напушти теренот, остана таму уште 12 секунди додека играта продолжи. И тој набрзо го напушти теренот откако на судијата Дингерт му беше кажано што се случува.
Фрајбург рече дека бил во дилема додека размислувале за нивниот следен потег, но по интензивни дискусии и правни консултации одлучиле да поднесат жалба за валидноста на натпреварот.
„Фрајбург не играше никаква улога и немаше влијание врз настаните околу процесот на замена“, се вели во соопштението на клубот објавено на нивната веб-страница во понеделникот.
„Сепак, правните и процедуралните прописи на ДФБ не принудија да преземеме активна улога во правниот преглед на настаните“, се додава во соопштението.
Баерн е на врвот на табелата со 66 бодови од 28 натпревари, девет бода повеќе од второпласираната Борусија Дортмунд. Фрајбург е петти во поредокот со три бода помалку од четвртопласираниот Лајпциг.