Манчестер Сити е третиот англиски клуб со кој мадридски Атлетико ќе ги одмери силите во актуелното издание на Лигата на шампионите. Избраниците на Диего Симеоне во групната фаза одиграа два меча со Ливерпул и двата ги загубија (3-2 дома и 2-0 на Енфилд), а во претходната рунда ривал им беше вториот клуб од Манчестер, со кого ремизираа на Ванда Метрополитано (1-1) и од кого беа подобри на Олд Трафорд (1-0). Притоа, пред нешто повеќе од една година Атлетико играше со Челзи во рамки на осминафиналето и исто така ги загуби двата меча (1-0 и 2-0).
Ако гледаме според доскорешната традиција, „јорганџиите“ имаат причини за грижа пред дуелот со „граѓаните“ со кои никогаш досега не играле. Исто така далеку поголем проблем за гостите претставува квалитетот, одличната форма и големите амбиции на Манчестер Сити. Интересно е дека тренерот на Сити, Гвардиола, се сретнал со Симеоне само три пати – Каталонецот доби два меча, а Аргентинецот еден. Меѓутоа, тоа нема многу да значи сега затоа што ако некој е способен да ги сопре домашните, тогаш тоа е клубот од шпанската престолнина.
И на едната и на другата страна изјавите се внимателни пред овој меч. Гвардиола кажа дека Атлетико имаше доста тешки ривали и дека против секој од нив покажа дека знае да наметне свој стил на игра. Капитенот на „црвено-белите“, Коке, кажа дека Сити е еден од фаворитите за титулата во ова натпреварување и дека има фантастичен тренер и одличен играчки кадар. Значи, никој никого не потценува, ама тоа не значи дека нема да се даде сѐ од себе да се надмудри другата страна.