Јирген Клоп менаџерот на англискиот великан Ливерпул, објави дека „црвените“ нема да влезат во трката за потпис на норвешкото чудо од дете, Ерлинг Браут Халанд, зашто цифрите што се споменуваат за ангажман на центарфорот на Борусија Дортмунд се – луди.
Голгетерот на Борусија, Халанд на лето ќе си замине од Дортмунд за 75 милиони евра и овие пари не се толку страшни, колку што застрашувачки делуваат цифрите за платата, а Норвежанецот има понуда од Манчестер сити од неверојатни 600 илјади евра неделно. Ливерпул, како за споредба, не сака да му даде 500.000 евра неделно на Мохамед Салах, ама начелно има договор за 400.000 фунти неделна плата.
„Нема шанси! Ливерпул нема да учествува во било каква понуда, зашто цифрите кои се споменуваат се луди и ние немаме ништо со тоа. Навистина, јас не сакам да имам ништо со тоа и ова не е воопшто смешно“, рече Клоп.
Покрај Манчестер сити, Реал Мадрид и Барселона исто така се споменуваа како опции за Халанд, ама тешко дека двата шпански великани ќе можат финансиски да се носат со „граѓаните“. Реал Мадрид зашто во преден план го има Килијан Мбапе на кој треба да му даде џиновска плата, а Барселона поради огромната финансиска криза со долгот над една милијарда евра.