Имаме одличен резултат, но Динамо и понатаму е фаворит, изјави тренерот на македонскиот шампион Шкупи , Гоце Седлоски во пресрет на утрешниот реванш против Динамо Загреб во 2. прелиминарно коло од Лигата на шампионите.
Да потсетиме, натпреварот помеѓу Динамо и Шкупи во Максимир заврши 2:2, а реваншот е во вторник од 21:00 часот на арената „Тоше Проескi“ во Скопје.
“Не знам дали не потценија или не. Но, ако е така, нека ја најдат причината. Се докажавме на теренот. Секако дека тие се сеуште фаворити. Знаеме кој е Динамо, знаеме какви играчи има и со каков буџет располагаат. Секогаш се квалификуваат за Лигата на шампионите и Лигата на Европа. Имаме одличен резултат, но сепак тие се фаворити,барем на хартија“, изјави Седлоски.
Македонскиот стручњак истакна дека гледањето на своите играчи на тренинзите му влева надеж бидејќи ја гледа мотивацијата и ентузијазмот со кој играчите го очекуваат натпреварот.
“Се е отворено. Мораме да ги отстраниме грешките од првиот натпревар. Ќе бидеме подготвени на се, а ќе видиме колку противникот ќе ни дозволи. Им кажав на играчите по првиот натпревар дека одигравме добро и дека ако за возврат ми ги извршуваат задачите, се е можно – истакна Седлоски.
Македонскиот шампион ги повика навивачите на клубот, но и останатите скопјани да ја исполнат Националната арена за заедно да испишат историја.
Веруваме во историска победа и пласман, но за да го постигнеме тоа потребна ни е поддршката од јавноста и нашите навивачи кои се дванаесетти играч“, изјави Седлоски.
Победникот од пресметката меѓу хрватскиот и македонскиот првак во 3. прелиминарно коло ќе игра против подобриот од мечот Лудогорец – Шамрок Роверс. Во првиот меч бугарскиот шампион победи со 3:0.
Во случај на неуспех, Шкупи ќе се пресели во 3. прелиминарно коло од Лига Европа, каде што ќе ги чека поразениот од Лудогорец – Шамрок Роверс.