Шведскиот атлетичар Арманд Дуплантис со нов светски рекорд го освои златниот медал во скок со стап на Светското првенство во Јуџин.
Дуплантис веќе беше сигурен освојувач на злато кога во вториот обид ја собори границата на светскиот рекорд, која од денеска изнесува шест метри и 21 сантиметар.
Олимпискиот шампион го подобри за еден сантиметар светскиот рекорд што го постави во март на Светското првенство во сала во Белград.
22-годишниот Швеѓанец ја освои последната голема титула што му недостигаше бидејќи веќе е европски шампион, олимписки шампион и светски шампион во сала.
Среброто го освои Американецот Кристофер Нилсен со скок од 5,94 метри, а исто толку скокна и Филипинецот Ернесто Џон Обиена кој ја освои бронзата.
Нигериската атлетичарка Тоби Амусан го освои златниот медал во трката на 100 метри со пречки.
Час и половина откако постави нов светски рекорд од 12,12 секунди во полуфиналето, Амусан истрча уште побрзо во финалето, минувајќи ја целта за 12,06 секунди. Но, ветерот што му дувал во грб бил посилен од дозволените 2,5 метри во секунда, така што времето не е признаено како нов светски рекорд.
Оваа 25-годишна Нигеријка во полуфиналето го собори актуелниот светски рекорд од 12,20 секунди, кој од 2016 година го држеше Американката Кендра Харисон.
Сребрениот медал го освои Британи Андерсон со резултат 12,23 секунди, додека бронзата со идентично време и припадна на Јасмин Камачо-Квин од Порторико.
Американката Атинг Му го освои златото на 800 метри со време од 1:56.30 минути и беше осум стотинки пред Британката Кели Хоџкинсон која го освои среброто. На последното скалило на подиумот се искачи Кенијката Мери Мора со време од 1 минута и 56,71 секунди.
Норвежанецот Јакоб Ингебригтсен по среброто на 1.500 метри славеше на 5.000 метри бидејќи целта ја мина за 13:09.24 минути. Сребрениот медал го освои Кениецот Јакоб Кроп (13:09.98), додека бронзата му припадна на Оскар Челим од Уганда (13:10.20).
Французинот Кевин Мајер по вторпат во кариерата се закити со титулата светски шампион во десетобој, бидејќи триумфираше во Јуџин со 8.816 поени. Сребрениот медал го освои Канаѓанецот Пирс Лепаж (8.701), а бронзата Американецот Зак Зимек (8.676).
Светското првенство во Јуџин заврши со штафетните трки на 4х400 метри.
Во машка конкуренција триумфираше штафетата на САД (2:56.17 минути), пред Јамајка (2:58.58) и Белгија (2:58.72).
А во женска конкуренција најдобра беше штафетата на САД (3:17,79), втора Јамајка (3:20,74), додека бронзата ја освои Велика Британија (3:22,64).