Пари Сен Жермен ги заврши подготовките за новата сезона со висок триумф од 6-2 над јапонска Гамба Осака, па сега може да се фокусира на официјалните натпревари.
Шлагот на овој летен период донесе ефикасен натпревар и потсетување колку добро знаат да соработуваат Меси и Нејмар. Бразилецот беше стрелец на два гола, Меси постигна еден, а за публиката по социјалните мрежи најдобар беше оној за 5-1, кога Аргентинецот го послужи со добра асистенција.
Сарабија ја отвори гол-серијата во 28. минута, Нејмар зголеми на 2-0, пред домаќините да постигнат свој прв гол во 34. минута. Во следните пет веќе беше 4-1 за ПСЖ со погодоците на Мендеш и на Меси, а во вториот дел уште еднаш погоди Нејмар, како и Мбапе, кој влезе во игра во 61. минута.
Во овој подготвителен период, во рок од 11 дена ПСЖ имаше четири пријателски средби и ги доби сите (Кевили Руан, Кавасаки, Урава и Гамба Осака). Сега му претстои враќање во Франција пред Супер купот со Нант на 31 јули, а веќе на 6 август почнува новата сезона од Лига 1.