Наводно, Чави му кажал на Де Јонг дека има високо мислење за него, дека му се допаѓа неговиот начин и стил на игра и би сакал да го има во тимот и понатаму, не само како играч за врска, туку и на позиција стопер, ако е потребно (таму играше на последните две пријателски). Меѓутоа, за да продолжи нивната соработка и заемните планови да се остварат потребно е да се согласи на намалување на платата.
Френки де Јонг во моментов има договор според кој Барселона треба да „се олесни“ 30 милиони евра за бруто плата, што е неподносливо за финансиската кондиција во која се наоѓа. Затоа, Чави му рекол да се согласи на, речиси половина од тоа – според шпекулаците 17 милиони евра – за клубот да може да го вметне во планираниот лимит за плати, од 20 милиони по човек.
Според извори на кои се повикува „Ас“, двајцата го напуштиле состанокот задоволни, што се толкува како знак дека Холанѓанецот се согласил. Сепак, за официјална информација ќе се почека, а отстапувањето на Де Јонг е клучно ако Барса сака да ги регистрира новодојдените фудбалери, како Левандовски и Рафиња.
Де Јонг беше поврзуван со трансфер во Манчестер јунајтед, каде што дојде неговиот поранешен тренер од Ајакс, Ерик Тен Хаг, но 25-годишниот играч за врска одби да оди во Премиерлигата, инсистирајќи да остане во Барселона.