Вардар доживеа пораз на гостувањето кај Гостивар (1-2) и така си го направи патот кон Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) невозможен. Дуелот го одбележаа неколку спорни судиски одлуки од страна на Влатко Илиоски, Зоран Костоски и Марјан Смилкоски, сите од Прилеп, а на тоа жестоко реагира капитенот на „црвено-црните“, Дејан Блажевски.
Полн со револт по натпреварот, најискусниот играч во составот на најтрофејниот колектив кој во моментов е во ВМФЛ-Запад испрати апел до сите дека ова не е фудбал, туку лакрдија, режирана за некој да профитира од целата ситуација.
„Сакам да испратам апел до претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини, до сите оние кои ги делегираат судиите, да согледаат внимателно и да видат дека ова што се случува е лакрдија кон најголемиот спортски бренд во Македонија. Ако е нешто наместено и ако некој треба да влезе, поубаво со време да се каже, за да не се трошат пари и сите да страдаат. Судиите се иживуваат врз Вардар и тоа не е прв пат. Секоја чест за Гостивар како клуб, за приемот и за натпреварот. Но, судиите мора да сносат вина за она кое го направија. Има снимки и се се гледа убаво. И тоа не само да ги казнат, затоа што за нас првенството веќе скоро и да е готово поради неколку спорни одлуки. И ние си имаме наша вина за некои резултати, но ова што се случува во изминатиот период е срамота и жално. Ова едноставно не е фудбал во Македонија повеќе. Има и млади деца кои го гледаат ова, а сакаат да напредуваат. Мотивот се убива кај сите и кај играчи и кај газди и кај таленти…“, изјави Блажевски.
Вардар е третопласиран во ВМФЛ-Запад со 43 бода, а на второто место кое води во баражот е Воска Спорт со 51 бод. Силекс е лидерот во лигата, со 56 бода.