Новите предводници на македонската ракометна репрезентација, Филип Кузмановски и Филип Талевски одиграа извонреден меч и заедно дадоа 15 од 27-те гола на Македонија, водејќи ја кон пласманот на шестото по ред Светско првенство кое во јануари догодина ќе се игра во Шведска и Полска, па заедно со Никола Митревски на голот кој собра 14 одбрани беа клучни играчи за триумфот со Чешка.
Македонскиот селектор и капитен Кирил Лазаров после големата победа со која се продолжи континуитетот на настапи на големите натпреварувања, започната од ЕП 2012 во Србија со шест настапи на Европските и сега со шести настап на Светските првенства, посебно го истакна придонесот на Талески и Кузмановски, кои се најчесто на мета на навивачите после слабите партии во минатото.
„Драго ми е за Талески и Кузмановски, јас се обидувам постојано да им помогнам, се поставувам како нивни татко, зашто знам дека не е лесно да си репрезентативец на Македонија, зашто понекогаш очекувањата на јавноста се и нереални. И многу сум среќен што во клучните моменти, Талески даде клучен гол, а потоа Кузмановски го даде клучниот пенал. Нив двајца посебно ги издвојувам, иако имаме тука плејада млади ракометари кои ќе созреваат и ќе направиме една квалитетна селекција“, рече Лазаров.
Македонија победи со 27-25 во трилер-завршница, иако до пет минути пред крајот сѐ делуваше како сигурен чекор кон победата кога последен пат имавме три разлика.
„Заслужено победивме, но тоа што ме плашеше се случи, за да изгореме во желбата и од брзоплетост немавме поголема предност посебно во првиот дел од тие два-три разлика. Се мачевме до крај, но тоа е оваа Македонија, на крај завршивме голема работа, победивме две моќни селекции. Можеби бевме аутсајдери, можеби нѐ потценија, но одигравме четири квалитетни мечеви, со многу ентузијазам, пожртвуваност. Пресреќен сум, зашто бевме сите скептици, посебно после Египет и после Унгарија , дека ќе нема репрезентација без Кире, без Миркуловски, дека нема да биде квалитетна, ама се изборивме. Реални се шансите да играме пак и на Европско, но треба да работиме сериозно“, додаде Лазаров.