Македонија ЃП ќе игра против Силекс во финалето на Купот на Македонија на 20 мај на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје, откако „лавовите“ попладнево во Струга победија со 4-2 на пенали после ремито без голови по 90 минути против Струга Трим Лум.

„Лавовите“ од Ѓорче го обезбедија четвртото финале во својата историја и против актуелниот бранител на пехарот Силекс ќе се борат за својот втор трофеј во Купот, прв после 16 години и единствениот освоен во 2006 година. Струга Трим Лум не успеа да го искористи домашниот терен за прво и историско финале во најмасовното натпреварување, а им пресудија две промашувања од белата точка на Немања Босанчиќ и на Иван Галевски.

Босанчиќ ја погоди пречката, а Галевски лошо шутираше и голманот Стевковски лесно му го одбрани ударот за да почне славјето на Македонија ЃП, чии пеналџии беа максимални, погодија Адем, Атанаскоски, Стојковски и Попзлатанов и ниту еднаш Давор Талески, чуварот на мрежата на стружани не беше ни близу за да одбрани некој од овие удари.

За Струга Илиевски и Шабани реализираа од белата точка.

Во регуларните 90, двата тима одиграа тврд натпревар со многу борба помеѓу два шеснаесетника и досаден, без вистински шанси. Само два опасни удари, еден на Босанчиќ од слободен удар од 18 метри за малку над пречката и еден на Сефер Емини од 25 метри кој Талевски го одбрани под пречка беа најзанимливите сигуации, по што пеналите беа тие што решаваа кој ќе оди во финале.

За „лавовите“ ова е прво финале по 2019 година кое го загубија од Академија Пандев, а освен победничкото во 2006 против Шкендија со 3-2, имаат и уште еден пораз во финалињата во 2009 година на пенали од Работнички.

Во Битола на стадионот под „Тумбе кафе” бранителот на трофејот кратовски Силекс, го совлада битолски Пелистер со голот на Каланоски постигнат уште во првото полувреме. Иако имаа голема поддршка од своите фанови, познатите „чкембари”  , фудбалерите на Пелистер не успеаја да се вратат од негативата, па Силекс ќе го брани трофејот што го освои лани.

ПОЛУФИНАЛЕ

Пелистер – Силекс 0-1 (0-1)

Каланоски 36

Струга ТЛ – Македонија ЃП 2-4 на пенали, 0-0

ФИНАЛЕ, 20 МАЈ – НАЦИОНАЛНА АРЕНА ВО СКОПЈЕ

Македонија ЃП – Силекс