Рома извојува нова и значајна победа во италијанската Серија А, откако триумфираше во 29. коло против Сасуоло со минимални 1-0 (0-0).

 

Фудбалерите на Даниеле Де Роси имаа многу повеќе од играта и можат да жалат што не извојуваа поубедлива победа, но сепак ги освоија трите бода со кои остануваат во игра за пласман во еврокуповите следната сезона. Човек на одлука беше Лоренцо Пелегрини во 50. минута, кој со прекрасен удар од 25 метри стигна до седмиот сезонски погодок.

Сасуоло во последните десетина минути заигра поангажирано, имаше две солидни шанси за израмнување, но среќата беше на страната на „волчицата“, која успеа да ја сочува својата мрежа.

Рома сега има 51 бод, три помалку од четвртопласираната Болоња, додека Сасуоло останува на 23 бода и се наоѓа на претпоследната позиција на табелата.

Натпреварот помеѓу Аталанта и Фиорентина не го дочека почетокот и беше одложен поради итен случај со спортскиот директор на „виолетовите“, Џо Бароне, кој е итно пренесен во болница и според најновите информации, се бори за живот во критична состојба.