Францускиот првак ПСЖ извојува убедлива победа на гости кај Монпелје (2-6) во 26. коло на Лига 1. „Светците“ од Париз покажаа дека се неприкосновени во оваа конкуренција, а човек на одлука беше неверојатниот Килиан Мбапе, кој запиша нов хет-трик во својата богата кариера.
Првото полувреме понуди дури четири голови, а ПСЖ имаше уште 2-3 изгледни прилики да замине со водство на паузата. Сепак, момците на Луис Енрике на одмор заминаа со (2-2), но работата ја завршија во второто полувреме.
Килиан Мбапе и Ли Канг-Ин постигнаа два брзи гола на стартот од вториот дел и ПСЖ рано поведе со веќе убедливи 2-4. Потоа Мбапе стигна до својот хет-трик само три минути подоцна. Француската ѕвезда води во трката за „Златната копачка“ и за првпат во кариерата може да биде најдобар стрелец во европските национални првенства.
Конечните 2-6 беа дело на Нуно Мендеш, кој беше прецизен во 89. минута и ја запечати победата на својот тим кој ита кон нова титула и повторно има дванаесет бода предност пред второпласираниот Брест.