Грузија го победи Гибралтар во Тбилиси со 4-0 во четвртокот, па на Бугарија ѝ даде пет гола, а патем промаши и пенал за шести и сега максимално полни со самодоверба, избраниците на селекторот Вили Сањол доаѓаат на пресметката со Македонија. Грузија и Македонија ремизираа идентично 1-1 во минатото издание од Лигата на нации, пред болниот пораз за Грузијците, а историски за нас во баражот за пласман на Еуро 2020 во ноември 2020 година.
„Овие фудбалери покажаа дека имаат победнички менталитет, се борат за секоја топка и јас сум пресреќен што буквално ги растуривме Бугарите, зашто колку подолго трае овој победнички менталитет, толку психолошкиот фактор е на наша страна. И сега овој меч останува зад нас, а сета концентрацијата е на следниот со Македонија. Нѐ чека гостување во Скопје, а сега прво треба да се одмориме, да ја вратиме силата и потоа да одиме да извадиме резултат што го сакаме со Македонците, а тоа е нова победа. Јас се надевам дека и против Македонија ќе одиграме на наше ниво, дека со исти емоции ќе бидеме и во Скопје и дека ќе го направиме истото“, вели Сањол.