Кошаркарите на Баерн ја совладаа Барселона во вториот натпревар од четвртфиналната серија на Евролигата со резултат 90:75 и ја презедоа предноста на домашниот терен.
Серијата сега е изедначена на 1-1 и сега се сели во Минхен каде следната недела ќе се одиграат уште два натпревари.
Првиот што ќе стигне до три победи ќе обезбеди пласман на завршниот турнир кој од 19 до 21 мај ќе се одржи во Белград.
Баерн ги поправи сите грешки од првиот меч од пред два дена, Андреа Тринкиери одлично се прилагоди на играта на каталонскиот тим, а голем удел во создавањето на предност имаше и Дешон Томас.
Во втората делница постигна 12 поени, од кои три тројки од голема далечина и практично направи разлика од 15 поени за Баварците.
Избраниците на Шарунас Јасикевичиус правеа премногу грешки, правеа прекршоци во нападот и шутираа многу лошо, што се одрази на резултатот.
Предноста на Баерн постојано се движеше помеѓу 10 и 15 поени, се до последната четвртина кога Барса успеа да се спушти на едноцифрена негатива, но Баерн ги одигра исто сите 40 минути и со одличен шут успеа да се одбрани, и да дојде до посакуваниот „брејк“.
Најефикасен на натпреварот беше Томас со 25 поени и седум скока, а одличен кај Баерн беше и Андрес Обст со 15 поени.
Српскиот кошаркар Огњен Јарамаз забележа 11 поени, пет асистенции и три скока .
Кај поразената Барселона најмногу се истакнаа Никола Лапровитола и Никола Миротиќ со по 16 поени, а Ник Калатес постигна 13 поени, со осум асистенции и три фатени топки.