Во натпреварот од 34.коло на италијанската Серија А, Интер ја совлада Рома со 3:1 и се врати на врвот на табелата во италијанскиот шампионат. Еден од головите на натпреварот постигна Марсело Брозовиќ на асистенција на Иван Перишиќ, а натпреварот го одбележаа и навивачите на Интер кои го скандираа името на Жозе Мурињо.
Мурињо и миланскиот клуб ги врзува убави спомени со тројната титула од сезоната 2009/2010. Навивачите на Интер не ја забораваат шампионската титула, купот и Лигата на шампионите под водство на Мурињо, а колку го ценат покажаа и на натпреварот кога го извикуваа неговото име. Португалскиот стручњак во тие моменти се обиде да остане смирен и професионален и само подигна рака во знак на благодарност до навивачите на клубот кој некогаш успешно го водеше. По натпреварот тој не ги криеше симпатиите кон Интер.
https://twitter.com/btsportfootball/status/1517921357211832320?s=20&t=MbNbgVnkxMxUdr3gP7r8pQ
„Го сакам Интер, Интер ме сака мене, но јас сум тука да победувам на секој натпревар. Сега кога не мора да играме против Интер, Милан и Наполи, можам да кажам дека би сакал Интер да ја освои титулата. Не сум го кажал тоа претходно, ова е моја работа и бев платен за да победам“, изјави Мурињо.
Рома до крајот на сезоната во Серија А ќе се соочи со Болоња, Фиорентина, Венеција и Торино.