Кошаркарите на Анадолу Ефес ќе бидат учесници на фајнл-форот во Евролигата што од 19 до 21 мај ќе се одржи во Белград.
По Реал Мадрид, билетот за завршниот турнир го „купи“ и актуелниот европски првак со победата во серијата против Олимпија Милано со резултат 3:1.
Во четвртиот натпревар во Истанбул повторно видовме неизвесна завршница и победа на Ефес со резултат 75:70, а потоа и големото славје во салата „Синан Ердем“.
На крилата на Тибор Плејс, Ефес водеше меѓу 7 и 10 поени во првата четвртина, но Луиџи Датоме надомести во вториот дел за да ги доведе „манекените“ на големиот одмор во водство со резултат 43:42.
Во вториот дел повторно видовме ископирана ситуација како пред две вечери, бидејќи италијанскиот тим поведе во средината на последната делница, а потоа застана.
Впрочем, токму во тие моменти почна да функционира нападот на домашната екипа, пред се Василије Мициќ, кој и овојпат не се двоумеше да ги преземе работите во свои раце и му донесе триумф на Ефес.
Токму неговите поени од пенал линијата го решија мечот на 10 секунди до крајот, па бранителот на титулата ќе игра на фајналфорот во Белград.
За ривали ќе ги имаат Монако или Олимпијакос, кои во петок навечер ќе го одиграат четвртиот натпревар, а тимот од Пиреја има предност од 2:1 во серијата.
Фантастична партија пружи Тибор Плајс, кој постигна 25 поени и имаше дури шест скока.
Кога беше важно, клучните поени ги постигна Василије Мичиќ, кој мечот го заврши со 20 поени, пет скока и четири асистенции.
Незапирлив во тимот на Олимпија Милано беше повратникот на паркетот Луиџи Датоме со 21 поен, додека пак двоцифрен беше Кајл Хајнс со 10 поени и 12 фатени топки.