Шесткратниот светски шампион во снукер Рони О’Саливен се пласираше во финалето на Светското првенство во Шефилд, откако го совлада Џон Хигинс со 17:11.
Четирикратниот шампион Хигинс подобро го започна натпреварот во петокот, поведе со 3:0, но О’Саливен успеа да се врати и да израмни на 4:4. Потоа заигра уште подобро, поведе со 10:6 и во продолжението од мечот одржуваше предност од три до четири фрејма.
Утринскиот дел од натпреварот заврши со водство од 15:9 и вечерва му беа потребни уште два фрејма за пласман во осмото финале на Крусибл. Хигинс освои два од првите три фрејма, но О’Саливен успеа да ги искористи грешките и да одржи голема предност, па ќе игра за седмата титула.
Тој во недела и понеделник ќе игра во финалето против својот сонародник Џад Трамп, кој претходно во тензичен меч го совлада Марк Вилијамс со 17:16.
О’Саливен ќе се обиде да ја освои седмата титула и да се израмни со рекордерот Стивен Хендри, додека Трамп ќе игра за втората титула светски шампион.
Како 46-годишен О’Саливен би можел да стане најстариот светски шампион во снукер.