Рони О’Саливен по седми пат стана светски шампион во снукер откако во финалето на Светското првенство беше подобар од Џад Трамп со 18:13. Најпопуларниот и за многумина најдобар снукер играч на сите времиња сега има ист број светски титули како и рекордерот на модерната ера, односно од 1969 година и воведувањето на нокаут форматот на натпреварувањето, Стивен Хендри.
Првата светска титула О’Саливен ја освои во 2001 година, кога беше подобар од Џон Хигинс со 18:14, а со освојувањето на седмата стана најстариот светски шампион. Англискиот 46-годишен мајстор покрај титулата доби и парична награда од половина милион фунти.
Со освојувањето на новата светска титула, О’Саливен дополнително ја поттикна дебатата за најдобриот снукер играч на сите времиња. Со најмногу освоени „ранги“ турнири, тој е сопственик на повеќето од најважните рекорди, и повторно ќе ја заврши сезоната како најдобар во светот.
„Никогаш не сум бил заинтересиран за рекорди. Убаво е кога ќе стигнеш до нив, но немам цели. Сакам да победувам и, иако тоа веројатно не е најдобрата идеја, ќе се обидам повторно да го направам тоа следната година. “, изјави О’Саливен по победата.
Шесткратниот светски шампион Стив Дејвис е убеден дека О’Саливен ќе стигне до осмата титула и додаде дека зборот гениј често се користи дури и кога нема потреба од тоа, но дека О’Саливен навистина е. О’Саливен освен оваа година ја освои титулата во 2001, 2004, 2008, 2012, 2013 и 2020 година, а единствениот пораз во финалето го претрпе во 2014 година од Шелби.
Со проблеми со депресијата, но и со алкохолот и дрогата во помладите денови, 46-годишниот Англичанец ги воодушеви навивачите со блескавите игри.