Станува збор за Адама Траоре, кој зимава дојде од Вулверхемптон, потоа Лук де Јонг, кој летоска дојде од Севилја и Мартин Брајтвајт, данскиот репрезентативец. На тројцата веќе им било кажано дека Чави повеќе не смета на нив и не се во плановите за новата сезона.
Траоре дојде на шестмесечен заем со право на откуп за 30 милиони евра, пари кои Барса нема намера да ги плати, па офанзивното крило кое проникна во „Ла Масија“ повторно ќе се врати на Островот. Де Јонг, исто така се враќа во Севилја, зашто дојде на едногодишен заем.
Само Брајтвајт беше фудбалер со перманентен договор, но истиот ќе биде раскинат.
Ова е првиот бран од чистката што Чави ќе ја направи во реконструкцијата на тимот и создавањето на „нова Барселона“, а како што објавува „Мундо Депортиво“, на листата за заминувања се и Самуел Умтити, иако зимоска доби продолжување на договорот, Клемен Ленгле, Рики Пуиг, Оскар Мингеза, голманот Нето и Сержињо Дест.
Но, засега за овие нема директна одлука за заминување, зашто имаат важечки договори, па ќе се сочекаат и понуди за да бидат продадени, па ослободувањето од нив не е така едноставно како во случајот со првата тројка.