Заминувањето на Велковски и не е изненадување, а денеска го најави најпознатиот спортски весник во Хрватска, „Спортске Новости“ во текст за голема реконструкција на тимот од „Руевица“. Велковски ланското лето ја продолжи соработката со Риека на уште една година, годинава и најмногу играше, во најголем дел е првотимец, но…
„На Велковски му истекува договорот и веќе извесно е неговото заминување, откако пред четири години дојде од скопски Вардар. Големиот потенцијал со огромно фудбалско знаење, Велковски со своите осциплации во играта, од најдобар стопер до најголем трагичар, очигледно не успеа да ја ‘купи’ поддршката од првиот човек Мишковиќ за да остане дел од Риека.
Плус, македонскиот дефанзивец во овие четири години многу често беше повреден посебно во првите години од договорот и затоа не чуди што во четири години има само 75 настапи, во кои даде два гола и запиша две асистенции. Да беше Велковски во Риека барем половина од нивото и константноста како во македонската репрезентација, денеска ќе беше најдобар стопер во ХНЛ“, пишува „Спортске Новости“.
Велковски е поранешен фудбалер на Работнички, кој во 2014 година се пресели во Вардар со кој освои три титули во македонската Прва лига, а играше во групите во Лига Европа во историската 2017 година за црвено-црните.