Уште една сезона во која Јувентус остана без скудето го вклучи црвениот аларм во Торино. Старата дама ја започна реконструкцијата веќе оваа зима, со ангажирањето на Душан Влаховиќ но тука не застанува. На Јувентус му треба ремонт во сите линии на тимот, а веќе направи стратегија за летото.
Финансиската состојба во Јувентус не е сјајна, па поради таа причина Старата дама се сврте кон играчите на кои договорите им истекуваат на лето, а по информацијата дека Јувентус му нуди едногодишен договор на Анџела ди Марија, италијанскиот Газета објави дека раководството на црно-белите ја започнало операција за враќање на Пол Погба.
Челниците на Старата дама веќе воспоставиле контакт со претставниците на Погба и до крајот на оваа недела, а можеби и веќе денеска треба да ја водат првата рунда преговори. Камен на сопнување може да биде платата што на францускиот играч за врска му ја нуди тимот од Торино.
Јувентус ќе се појави пред претставниците на Погба со понуда да му плати на францускиот играч за врска во Торино само 7.500.000 евра, што е максимумот што Старата дама може да му го понуди во моментов – исто толку има Душан Влаховиќ – пишува Газета. Но, тоа е само фиксен дел. Ќе има и бонуси, кои ќе зависат од резултатите на клубот, како и од индивидуалните достигнувања на Погба.
Пол Погба ќе биде на крстопат. Манчестер Јунајтед го отпиша, тоа поглавје од неговата кариера е затворено, а патиштата водат на две страни: едната до Паркот на принцовите, каде сигурно нема да му недостасуваат приходи, а другата до позната средина.