Фиорентина влезе како фаворит за освојување на три бода на вечерашното гостување кај Сампдорија во претпоследното коло од Серија А, но наместо славје им се случи неочекуван бродолом и катастрофален пораз со 1-4.
„Виолетовите“ можеа со триумф да се искачат и на петтата позиција на табелата, пред двете екипи од главниот град, Лацио и Рома, со што ќе беа на само мал чекор до пласман во Лига Европа. Но, неуспехот ги остави на седмото место со 59 бодови, еден помалку од „волчицата“, а три од „лацијалите“, кои имаат и меч помалку и им донесе борба со Аталанта во последното коло за задржување барем на визата за настап во Конференциската лига.
Ферари во 16. минута и Кваљарела во 30. минута го најавија дебаклот на гостите, кој беше потврден со погодоците на Торсби во 71. минута и на Сабири во 83. минута, додека Гонзалес од пенал пред крајот го постигна почесниот погодок за Фиорентина. Сампдорија со овие три бода и математички обезбеди опстанок во елитата и за следната сезона.