Фудбалерот на Блекпул , Џејк Даниелс влезе во историјата откако во телевизиско интервју за Sky News призна дека е геј. Така Џејк стана првиот професионален фудбалер од Обединетото Кралство кој отворено зборува за својата сексуална ориентација во поновата историја.
Дејли Мејл додава дека тој е единствениот активен фудбалер од Британија кој признал дека е геј и само втор во светот што го сторил тоа. Пред него тоа го направи само Австралиецот Џош Кавало, кој игра за Аделаида Јунајтед.
Даниелс рече дека јавно признал дека е геј за да ја „отстрани стигмата“ и нагласи дека ја има целосната поддршка од соиграчите и од клубот од втората англиска лига.
„Со денови размислував како и кога да го направам тоа. Чувствувам дека сега е вистинското време. Сакам луѓето да ме знаат вистински кој сум јас. Постојаните лаги не се она што го сакам. Се борев и сега се чувствувам подготвен да бидам свој и слободен“, рече Даниелс .
Последен британски професионален фудбалер кој излезе во јавноста со ова признание беше Џастин Фашану во 1990 година, а осум години по тоа признание си го одзеде животот.
„Иако имам само 17 години, јасно ми е дека сакам да го правам ова и ако мојата исповед им помогне на другите да го направат истото, ќе биде одлично. Можеби ќе помислат дека ако ова дете е толку храбро,тогаш можат и тие“, рече Џејк Даниелс.