Патрик Валчак нема да биде дел од црвено-црните во новата сезона, откако најавите уште во март дека ќе замине во Португалија после понудата од Спортинг Лисабон, сега се официјализираа со двегодишна соработка, објави „ТВП Спорт“. Двајцата македонски репрезентативци, Филип Талески и Мартин Томовски ги продолжија договорите со македонскиот шампион.
За разлика од Валчак, вториот Полјак во таборот на Вардар, Јан Чувара останува црвено-црн уште една година откако ја продолжи соработката со македонскиот првак, кого една победа го дели од официјализација на нова шампионска титула во Македонија, откако веќе го освои и Купот на Македонија.
Талески кој сезонава игра феноменално за Вардар и беше клучен за освоениот Куп неодамна, но и за триумфот за титула во Битола, како и репрезентативниот прв голман на црвено-црните, Томовски ги продолжија договорите, по што засилено вардарци се екипираат за новата сезона.
Во Вардар нов договор потпиша и Тимур Дибиров, како и Марко Мишевски, а веќе дојдоа официјално три засилувања Нејц Цехте, Божо Анѓелиќ и Жилберто Дуарте. Се чека клубот да го потврди ангажирањето на нов играч, токму на позиција пикер. Станува збор за Русинот Павел Андреев, кој ќе дојде од редовите на Чеховски Медведи.