Дисциплинската комисија на ЕХФ ја објави одлуката по жалбата на Ракометната федерација на Шведска по синоќешниот полуфинален натпревар на Европското првенство.
Жалбата се однесуваше на некористењето на видео-снимка (ВР) при одлуката за голот на французите што го постигна Пранди на истекот од основниот дел од дуелот со кој беше израмнет резултатот и натпреварот отиде во продолженија. Во нив Франција беше подобра и обезбеди пласман во финалето што се игра утре.
„По внимателно разгледување на ситуацијата, комисијата заклучи дека судиите и делегатот немаат обврска да ја прегледуваат видео-снимката. Таа се користи само кога судиите имаат голем сомнеж во врска со одлуката или се во неможност добро да го видат спорниот момент. Само судиите и делегатот одлучуваат дали ќе се користи ВР. Поради сето ова, жалбата се одбива“, стои во соопштението на ЕХФ.
Судии на синоќешниот натпревар беа Ѓорѓи Начевски и Славе Николов кои со ова се ослободени од одговорност.