Како што објавуваат медиумите во Италија, Асколи го „уценува“ Удинезе за тренерот Андреа Сотил, кој треба да биде нов кормилар на „црно-белите“, па бара да добие два фудбалери како дел од трансферот, зашто поради тенките финансии не се во можност да ангажираат засилувања со кои во новата сезона би се обиделе да стигнат до Калчолигата.
На листата на приоритети, која за „Кориере Адриатико“ ја соопштил првиот човек на Асколи, Масимо Плулчинели, на врвот на листата на желби се Кристо Гонзалес и Несторовски. Но, во случајот со македонскиот репрезентативец има еден проблем што тој има договор со Удинезе до крајот на јуни и е слободен играч откако ќе почне преодниот рок, па прашање е дали прилепчанецот ќе сака да оди баш во Асколи. Несторовски во 2019 година потпиша тригодишен договор откако дојде бесплатно во Удине по банкротот на Палермо.
Италијанските медиуми најавуваат дека постои опција Удинезе да му го продолжи договорот на Несторовски и потоа да го прати во Асколи, што и не е нереална опција, зашто македонскиот интернационалец кој од 2016 година е во Италија би сакал да остане на Апенините.
Несторовски во завршницата од сезоната што измина доби повеќе минути и даде еден гол по пауза од 15 месеци во Серија А, но не е во плановите на клубот за идната сезона, а поради слабата минутажа го загуби и репрезентативното место во А-селекцијата на Македонија.