Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски (23) ги освои симпатиите во Абердин после летниот трансфер, но и го сврте вниманието на цела Европа после 10-те премиерлигашки гола во шкотската елита во 14 меча, па прв сериозен интерес веќе има од Франција.
Според „Жунес Футе“, Ремс му фрлил око на Миовски и многу сериозно го следи како потенцијално летно засилување, зашто немаат јасна иднина за Фоларин Балогун, напаѓачот кој дојде на заем од Арсенал откако својот најголем талент Хуго Екитике го продадоа во Пари Сен Жермен.
Поради нејасната ситуација со Балогун, дали ќе остане или ќе се врати во Лондон, во Ремс веќе тргнале да бараат алтернатива и прв избор им е Миовски, но во францускиот клуб се свесни дека после вакви настапи тешко дека ќе го добијат за „ситни пари“ и проценката им е дека без четири-пет милиони евра тешко ќе успеат да го убедат Абердин да им го продаде, иако вредноста според „Трансфермаркт“ е 700.000 евра.
Миовски летоска потпиша за Абердин за 624 илјади евра и од МТК дојде во славниот шкотски клуб. На Островот, новинарите уште после првиот месец најавија дека многу брзо ќе дојдат понуди од Селтик и Глазгов Ренџерс, како и од англиските премиерлигаши ако Миовски продолжи да ги решета мрежите.
Нема да биде изненадување ако во следниот период, посебно до стартот на зимскиот преоден рок, почнат да излегуваат уште повеќе информации за интерес од клубови за македонскиот репрезентативец.