Жозе Мурињо, легендарниот фудбалски стратег и сегашен предводник на Рома, направи интересна опсервација пред баражот натпревари за пласман на Светското првенство во Катар.
Сите со нетрпение го очекуваат евентуалниот финален меч меѓу Италија и Португалија. Сепак, португалскиот стручњак предупредува дека двете репрезентации доколку сакаат меѓусебна пресметка ќе мора да одиграат квалитетно во полуфиналните средби.
„Гледам дека сите веќе ја отпишаа Турција против Португалија, односно Македонија против Италија. Воопшто не би го направил тоа, бидејќи тоа се сериозни селекции“, изјави Мурињо.
Ако Италија и Португалија ја минат првата пречка, Жозе нема дилема кога ќе навива.
„Јасно е дека не можам да бидам неутрален. Ја сакам Италија, оваа земја ми даде многу. На крајот на краиштата, јас живеам овде. Сепак, јасно е дека ќе навивам за мојата земја и со цело срце сакам таа да замине во Катар“, беше јасен Мурињо.
Дуелот меѓу Македонија и Италија се игра в четврток во Палермо, со почеток од 20:45 часот.