Кошаркарите на Пелистер ја забележаа третата победа во дебитантскиот настап во АБА2 лигата. „Зелено-белите“ одиграа солиден натпревар потив Осијек и благодарение на моќната трета четвртина се изборија за убедлив триумф од 97-78.
Битолчани не стартуваа според планот, затоа што во првата четвртина беа во ситуација да бркаат негатива, но сè се промени во вторите десет минути. По првата мала пауза Пелистер ги консолидира своите редови, заигра поквалитетно и на полувреме замина со позитива од три поени (45-42).
Во третиот квартал играта на Осијек беше прочитана и македонскиот тим влезе во посакуваната серија и со 15 поени разлика се избори за високо водство и мирен финиш. Во последните 10 минути хрватскиот тим немаше сили за враќање во игра и го впиша својот десетти пораз оваа сезона.
Најдобри поединци во таборот на Пелистер беа Малешевиќ со Кесер со по 16 поени, а двоцифрени беа уште Николоќ со 13 и Стајиќ со 10. Следен предизвик за битолчани ќе биде словенечкиот тим Хелиос, натпревар кој се игра в среда.
https://www.youtube.com/watch?time_continue=43&v=YSM5UfE_JU0&feature=emb_logo