Кошаркарите на ТФТ од Тафталиџе во последниот четврт-финален дуел по голема борба го совладаа тимот на Работнички (78-73).
ТФТ со ова се избори за полуфинална пресметка против МЗТ Скопје, како реприза на ланското финале во кое сензационално го освои победничкиот пехар. Клучна за триумфот на бранителот на тронот беше серијата 16-4 остварена на стартот од последната четвртина со која негативата од четири поени беше претворена во солидно водство (68-60), кое се покажа доволно за триумф.
Фантастичниот Ташовски средбата ја заврши со 16 поени, додека најефикасен во победничкиот тим беше Џермејн Бишоп со 21 поен, додека зад него беше Александар Костоски со 18 поени. Камерон Форте и Никола Малешевиќ со по 27 поени беа најпрецизни кај Работнички.
Полуфинални пресметки се играат денас во СРЦ „Кале“ , првиот дуел е помеѓу ТФТ и МЗТ Скопје (17 часот), а потоа Пелистер и Феникс (19.30 часот). Финалето е в сабота од 19.30 часот во кое ќе се најдат победниците од овие два дуели.