Милан бара сериозни засилувања за следната сезона, не само за одбрана на титулата, туку и за предизвикот во Лигата на шампионите, а италијанскиот великан веќе има нови газди во конзорциумот „Ред Бирд“, кој за 1,3 милијарди евра го купи од инвестицискиот фонд „Елиот“.
Уште од март, Елмас се поврзува со Милан, како опција за среден ред и поради фактот дека може да игра на сите позиции, им се допаднал на тренерот Стефано Пиоли и на спортскиот директор Паоло Малдини. Дури се најавуваше и можна размена во која хрватскиот репрезентативец Анте Ребиќ би заминал во Неапол.
Елмас има договор со Наполи до летото 2025 година, а сезонава одигра 46 меча од можните 47 во сите натпреварувања, со најдобар ефект откако е дојден на Апенините, со седум гола и шест асистенции.
Прашање е дали Наполи ќе сака да го продаде Елмас на ривал во Италија, иако и од Неапол имаше информации дека Аурелио Де Лаурентис за добра сума може да се откаже од македонскиот репрезентативец. Сега прашање е само колкава цена ќе стави Наполи и дали таа би била прифатлива за „росонерите“, вториот најтрофеен клуб во Калчото.