Кошаркарите на Голден стејт вориорс изедначија на 1-1 во финалната плејоф-серија од НБА-лигата против Бостон селтикс, откако го добија вториот натпревар по ред на домашен терен и тоа со убедливи 107-88.

„Воините“ ја научија лекцијата од претходниот дуел, кога последниот период го загубија со неверојатни 16-40, па со одлична игра, пред сѐ во одбраната, не му дозволија на противникот да дојде до уште еден „брејк“. Клучна за триумфот беше третата четвртина, во која домашниот тим со серија 19-2 доволно се одлепи за огромни плус 23 (87-64) пред последниот дел, во кој „келтите“ не успеаја да направат реприза од претходниот дуел во кој овој период го добија со плус 24, кои и овој пат ќе им беа доволни за успех.

 

Стеф Кари со 29 поени беше најдобро име кај Г. Стејт, кој победи и покрај лошата партија на Клеј Томпсон, кој постигна само 11 поени, за што најзаслужен беше Џордан Пул со 17 поени. Тој воедно влезе во историјата на НБА, откако со 22 години стана најмладиот кој постигнал најмалку пет тројки во еден финален меч.

 

Третата средба се игра во ноќта меѓу среда и четврток во 3 часот по македонско време и најверојатно ќе биде клучна за одредување на првакот со оглед што 82,1-отсто од тимовите кои ја добивале оваа средба при резултат 1-1 на крајот го освојувале и шампионскиот трофеј.