Кошаркарите на Бостон Селтикс го кренаа шампионскиот трофеј на НБА лигата, откако во петтиот меч ја решија финалната серија против Далас Маверикс (4-1) на свој паркет со триумф од 106-88.
Немаа сили Мавси за изненадување, брејк и останување во живот, напротив домашната екипа во „ТД Гарден“ одигра моќно и сигурно обезбедувајќи радост за своите навивачи. Уште од стартот Бостон сигурно водеше, а пред полувремето поведе со високи 21 разлика (67-46).
На стартот на продолжението Селтикси ја достигнаа највисоката предност на мечот од 26 поени. Далас не се откажа и се обиде да анулира дел од негативата, меѓутоа најблизу дојде на „минус 17“. Последната четвртина беше практично формалност, Бостон пак го повтори највисокото водство, а славјето во Арената веќе беше во тек. Џејсон Тејтум со 31 поен, 11 асистенции и осум скока беше играч на натпреварот, додека кај Далас се истакна Дончиќ со 28 поени и 12 скока.
Мошне интересно е дека Бостон го обезбеди трофејот на 17 јуни (официјален термин по американско време), а на тој ист датум го освои и последниот во 2008 година, тогаш во серијата со Лејкерси.
Веднаш беше прогласен и најкорисниот играч во финалната серија, тоа е Џејлен Браун. 27-годишната ѕвезда на Бостон го доби признанието кое го носи името Бил Расел откако во последниот меч со 21 поен му помогна на својот тим до победата.
Во пет натпревари Браун имаше во просек по 20,8 поени, најдобрата партија му беше во третиот меч кога Бостон го направи единствениот брејк, па заслужено го понесе признанието.