Легендарниот кошаркар Дражен Петровиќ денеска ќе го прославеше својот 57 роденден, да не му згаснаше животот пред 28 години во трагична сообраќајна несреќа. Зад воланот беше неговата тогашна девојка Клара Саленци, денес Бироф.
Малку се знаеше за неа, но токму поранешната кошаркарка и модел пристигна на аеродромот во Франкфурт попладнето на 7 јуни 1993 година за да го земе Дражен. Таа беше придружувана од нејзината пријателка Хилал Едебал, исто така кошаркарка на Универзитетот во Нијагара. Договорот беше Дражен да се однесе во Минхен, но …
Несреќата се случила во близина на градот Денкендорф. Клара со својот Голф удри во Мерцедес со наводна брзина од 160 километри на час. Дражен спиел на совозачкото седиште, па во сударот излетал од автомобилот и починал на лице место. Поранешната кошаркарка е родена во 1970 година, а пред да започне врска со Дражен, таа беше негова голема обожавателка. Со помош на пријател од Хрватска се обидела да стапи во контакт со него преку менаџер, а кога дошла на натпревар, според кажувањата на пријателите напишале љубовно сценарио. По трагедијата таа не зборуваше за врската со Дражен, ниту за несреќата.
Таа неколку пати доаѓала во Загреб на гробот на Дражен и наводно била во контакт со неговиот брат Александар. Поминаа три години од несреќата за да го запознае германскиот фудбалер Оливер Бироф со кој се омажи во 2001 година. Парот го доби своето прво дете во 2007 година, а во 2010 година нејзиниот живот го одбележаа две трагедии. Имено, таа во осмиот месец од бременоста го загубила детето, а потоа починал и нејзиниот брат Ладислав.
Мајката на Дражен, Бисерка нема убави зборови за Клара. Таа во меѓувреме се запознала со Хилал Едебал , која го изгубила помнењето по несреќата.
– Таа е чудовиште. Дури ни со Хилал не е повеќе во контакт. Таа не ја посетуваше дури и кога беше болна, иако тие се долги години пријателки и заедно играа кошарка уште од мали нозе. Хилал студирала во Америка и кога се вратила, Клара ги поканила да одат заедно во Франкфурт за да го земат Дражен – изјавила мајката на Дражен во една прилика.