Поминаа 29 години од неговата смрт, а несреќата кај местото Денкендорф се уште е голема мистерија, со оглед што Дражен беше единствен загинат во голфот возен од неговата тогашна девојка Клара (сегашна сопруга на фудбалерот Оливер Бирхоф), а во кој беше и нејзината другарка, турската кошаркарка Хилал Едебал. До несреќата дошло откако камион од спротивната страна на автопатот, во обид да претекне, ја пробил заштитната ограда и преминал во делот каде што возел автомобилот на Петровиќ. Клара, која била неискусна зад воланот, во услови на мала видливост возела со брзина од 160 километри на час, а дури и не стигнала ни да закочи пред да удри во камионот. Легендарниот кошаркар седел на совозачкото место и спиел, а по ударот повеќе никогаш не се разбудил. Неговата девојка минала најлесно, додека Едебал била тешко повредена, но преживеала.
Виновничката за несреќата никогаш не одговарала пред судот, ниту, пак, некогаш проговорила нешто јавно за смртта на Дражен. Оваа трагедија, мајката на кошаркарот, Бисерка Петровиќ, своевремено ја спореди со таа на пејачот Тоше Проески.
„Мојот Дражен и вашиот Тоше имаа иста проклета судбина. И двајцата беа обожувани од народот, мајстори во својот занает, вистински ангели на земјата, кои на буквално ист начин си заминаа од овој свет. Не ми се верува колку се идентични нивните несреќи“, ни изјави госпоѓа Петровиќ.
Клара не одговарала за несреќата бидејќи германскиот суд проценил дека не постоел начин како да го избегне ударот. Но, хрватските стручњаци велат дека Петровиќ не би загинал ако таа возела до 120 километри, колку што е ограничувањето во најголемиот дел европски земји, но во Германија тоа не постои па затоа не било проблем што неискусната возачка возела со брзина од дури 160 километри на час.