Челниците на италијанската Серија А размислуваат од следната сезона да воведат плејоф за титулата шампион.
Оваа идеја беше дискутирана на состанокот на клубовите од елитниот ранг на италијанскиот фудбал, а плеј-офот би одлучувал за шампионот во случај двата тима да ја завршат сезоната со ист број освоени бодови.
Во последната сезона од Серија А, правилото во случај на ист број бодови значеше дека шампион е тимот што има подобар скор во меѓусебните дуели со ривалот за титулата.
Шампион беше Милан, кој го освои трофејот со два бода повеќе од градскиот ривал Интер. Милан ќе беше шампион доколку тимовите ја завршеа сезоната со ист број бодови, бидејќи освоија четири бода во дуелите со Интер.
Принципот на плеј-офот се сметаше и во борбата за опстанок доколку екипите кои завршија на 17-то и 18-то место имаат ист број на бодови на крајот од сезоната.
Италијанскиот фудбалски шампионат беше решен само еднаш во плеј-офот, во 1964 година, кога Болоња го совлада Интер со 2-0 во Рим.