Седумкратниот шампион во Ф1 Луис Хамилтон доби од бразилскиот парламент почесно државјанство на таа земја за неговите заслуги за Бразил и ликот и делото на Аиртон Сена .
Бразилскиот парламент усвои одлука со која се доделува почесно државјанство на седумкратниот светски шампион во Формула 1, Британецот Луис Хамилтон, како признание за неговата посветеност кон земјата и Аиртон Сена.
Хамилтон призна дека останал без зборови откако беше прогласен за почесен граѓанин на Бразил кога Долниот дом на парламентот донесе одлука во четвртокот.
„Ми беше доделено почесното државјанство на едно од моите омилени места во светот“, објави Хамилтон на својот профил на Инстаграм, кој го следат 28,4 милиони луѓе.
Британецот не можеше да биде во Бразил, бидејќи викендов се очекува да настапи во Азербејџан.
„Во моментов немам зборови. Ви благодарам Бразил, те сакам, едвај чекам да те видам повторно“, рече тој.
На неговата порака одговори еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Бразилецот Пеле.
“Честитки, Луис. Среќен сум што те сметам за сонародник отсега натаму”.
Процесот на донесување на посебна правна регулатива за доделување на почесно државјанство на Хамилтон на Бразил беше иницирана од Андре Фигуеиредо, државен политичар, откако Британецот победи на минатогодишното Гран при на Бразил кога истовремено ги носеше британското и бразилското знаме.
„Хамилтон има длабока и силна емотивна врска со Бразил. Неговите јавни ставови кои поддржуваат релевантни прашања како што се животната средина, правата на животните, црнците, жените и човековите права, исто така, мора да бидат запаметени и истакнати“, додаде конгресменот Џонатан де Хесус.
Долниот дом потоа ќе одржи свечена седница на која на 37-годишникот ќе му биде доделено почесно државјанство.