МЗТ Скопје деветти пат во последната деценија е крунисан во првак на Македонија, откако славеа во финалето против Пелистер со 3-1. „Штрковите“ на Ацо Петровиќ не дозволија изненадување, покажаа искуство, сила и квалитет во оваа серија, па сосема заслужено дојдоа до тронот.
По крајот на финалната серија, стандардно, Кошаркарската федерација на Македонија го прогласни најкорисниот играч. Заслужено, црногорскиот центар Немања Милошевиќ кој денес беше апсолутен лидер на тимот е прогласен за МВП на серијата. Денес Црногорецот уфрли 31 поен, беше вистинска енигма за одбраната на Пелистер, во и надвор од рекетот.
Покрај денешните 31 поен, Милошевиќ одигра добро во целата серија. Првиот натпревар во Скопје го заврши со 19 поени, послаб поентерски ефект имаше на вториот меч, но го заврши со „дабл-дабл“ (десет поени, 12 скока), додека на претходниот дуел уфрли 23 поени.